Tendex.mk
Правно

Плаќање, обнова и откажување

Начини на плаќање, обнова на претплатата и услови за рефундирање на средства.

1. Цени

Претплатата трае 12 месеци. Вие го избирате начинот на плаќање: целата година однапред, што е поповолната цена на страницата Цени, или на 12 месечни рати. Во двата случаја обврската е истите 12 месеци; се разликува само динамиката на плаќањето.

Сите цени на страницата Цени се конечни. Во моментов не сме регистрирани за целите на ДДВ, па на фактурата не се пресметува ДДВ. Ако тоа се промени, ДДВ ќе се пресметува само на фактурите издадени потоа, и ќе Ве известиме најмалку 30 дена однапред; за веќе платен период не се врши доплата. Сите банкарски трошоци и трошоци за девизен пренос се на товар на налогодавачот. Плаќањата со картичка ги обработува НЛБ Банка АД Скопје како банка-прифаќач; продавач во трансакцијата (merchant of record) е Моноботикс Технолоџис ДОО, па фактурата, договорниот однос и одговорноста за рефундирање на средствата се наши.

2. Плаќање со фактура

Податоците за фактурирање ги внесувате во апликацијата и барате фактура. Фактурата ја издаваме и ја доставуваме по е-пошта, по правило истиот работен ден. Рокот за плаќање е 7 дена од датумот на фактурата. При уплатата повикајте се на бројот наведен на фактурата, за да можеме да ја поврземе со Вашата сметка. Уплата без повикување на бројот може да го одложи активирањето на пристапот.

Пристапот до платените функционалности се активира по приемот на уплатата на нашата сметка, а не со барањето или издавањето на фактурата. Услугата не нуди пробен период.

3. Плаќање со картичка

Месечната претплата на картичка се обновува автоматски на секои 30 дена, а годишната секоја година, додека не ја откажете. Можете да откажете во секое време преку линкот во потврдата за плаќање или со порака до kontakt@tendex.mk.

4. Испорака на услугата

Tendex.mk е дигитална услуга и се испорачува преку интернет. Не се испорачува физички производ: пристапот се доделува во веб-апликацијата на tendex.mk, преку која се врши претплатата, на е-поштата регистрирана на сметката.

При плаќање со картичка, пристапот се активира веднаш по одобрувањето на плаќањето. При плаќање со фактура, пристапот се активира по евидентирањето на уплатата на нашата сметка, вообичаено во рок од два работни дена од приливот. Во двата случаја добивате известување по е-пошта за активирањето на сметката.

Услугата се испорачува без територијално ограничување и е наменета за македонскиот пазар на јавни набавки. Работи во секој современ веб-прелистувач и не бара инсталација. Претплатата важи за платениот период, сметано од денот на активирање на пристапот.

Доколку пристапот не биде активиран во рок од два работни дена од Вашата уплата, Ве молиме контактирајте нè на kontakt@tendex.mk или на +389 75 251 612, и проблемот ќе го решиме во текот на истиот ден.

5. Обнова и задоцнето плаќање

Претплатата автоматски се обновува за наредни 12 месеци, освен ако ја откажете најдоцна 30 дена пред истекот на периодот. При плаќање со фактура, наредната фактура се доставува пред истекот на периодот. Во случај на задоцнета уплата, пристапот останува активен уште 7 дена по истекот на периодот. По истекот на овој рок, пристапот до платените функционалности се ограничува, а работниот простор, вклучително и Вашите белешки, останува зачуван и повторно се активира по приемот на наредната уплата.

6. Откажување

Можете да откажете во секое време, со порака до kontakt@tendex.mk или преку апликацијата. Откажувањето ја прекинува автоматската обнова: претплатата останува во важност до крајот на тековниот 12-месечен период и потоа не се обновува. За откажување не се наплаќа надомест.

При плаќање на месечни рати, преостанатите рати за тековниот период остануваат за плаќање. Откажувањето не го скратува договорениот период, туку ја прекинува обновата.

7. Рефундирање на средства

Услугата е наменета за правни лица. Средствата за платениот период не се рефундираат сразмерно при откажување пред истекот на периодот, ниту во случај кога услугата не била користена, не ги исполнила Вашите очекувања или не резултирала со доделен договор. Пред плаќањето, содржината на пакетите е достапна на страницата Цени, а можете да побарате и демонстрација.

Средствата се рефундираат единствено ако наплатата е извршена двапати или во погрешен износ, или ако услугата била недостапна подолг период по наша вина. Во тие случаи рефундирањето се врши во рок од 14 дена, на ист начин како и првичното плаќање. Ова не го исклучува правото на поврат што Ви припаѓа според присилни прописи.

8. Приговор и оспорување на наплата

Доколку сметате дека наплатата е неправилна, Ве молиме најпрво обратете ни се на kontakt@tendex.mk. Одговараме во рок од еден работен ден, а утврдените грешки ги исправаме без одлагање. Оспорување на наплатата кај банката без претходно да нè контактирате може да резултира со суспензија на сметката и со наплата на трошоците настанати со оспорувањето.

9. Промена на цената

Го задржуваме правото на промена на цените, за што Ве известуваме најмалку 30 дена однапред. Новата цена се применува од наредниот период на обнова. Доколку не се согласувате со неа, можете да ја откажете претплатата пред тој датум, при што плаќате само до крајот на тековниот период.

Во сила од 14.09.2026. За измени известуваме по е-пошта најмалку 30 дена однапред.

Колачиња

Користиме само неопходното: сесија за да останеш најавен, и твојот јазик и валута. Без аналитика, без реклами, без следење.

Дознај повеќе